Во ДСУ „Искра“ - Штип воспитно-образовната работа се организира и остварува според Наставен план и програми кои на предлог на Бирото за развој на образованието, ги утврдува Министерот за образование и наука. Преку реализацијата на наставните програми, учениците ги усвојаат основите на општото и стручното образование и стекнуваат практични вештини заради вклучување во работниот процес.

Секој наставник работи според Наставен план и програма. Подготовката пред почетокот на учебната година опфаќа темелно проучување на наставната програма, обезбедување стручна литература, собирање информации од интернет, подготовката за наставните часови е редовна обврска во текот на наставната година. Во текот на наставата, секој наставник ги користи расположливите наставни средства и помагала, а по потреба ќе изготвува и нови во зависност од наставната содржина. Во наставата се применуваат разновидни форми на работа со учениците со што секој наставник наставната содржина ќе ја доближи до индивидуалните способности, можности и предзнаења на учениците. Во рамките на истата наставна програма учениците добиваат различни задачи по тежина.. Во методологија во работата со учениците и понатаму остануваат принципите на нагледност и очигледност како основа за совладувањето на одредени поими, претстави и содржини .

Наставата се изведува по посебни програми изготвени од Биро за развој на образованието, адаптирана и прилагодена за ученици со посебни образовни потреби на ниво на втор степен на стручна подготовка.

Образованието е во траење од три години во четири струки, каде што учениците се здобиваат со следниве квалификации:

- Машинска струка - помошник бравар лимар

- Графичка струка - помошник книгоповрзувач- картонажер

- Текстилна струка - помошник конфекционер

- Земјоделско - ветеринарна струка - помошник во растително производство

 

Во Работно оспособување во прва година со траење до две години ќе се запишат ученици во:

- Графичка струка

- Земјоделско - ветеринарна струка

 

Учениците со потешкотии во учењето со намалени моторни способности и ученици со аутизам се вклучуваат во работно оспособување кои работат според Наставни планови и програми за работно оспособување во постоечките струки. Образованието за оваа ученици трае до 24 месеци

Наставата во училиштето ја реализираат 18 наставници со соодветно образование со педагошка и дефектолошка доквалификација, во солидно опремени училници и работилници. Според Наставните планови и програми учениците изучуваат наставни предмети од општо образовно и стручно подрачје.

 

Стручно образование

            Стручното образование содржи стручно теоретски предмети и практична настава. Практичната настава се реализира паралелно со стручно – теоретската настава. Има за цел да ги оспособи учениците за извршување на определени работи и работни задачи: почитување и применување на правилата на однесување на работното место, примена на теоретското стручно образование во практиката, примена на приборот и разни технички средства и помагала и материјал, да го избира и применува алатот. Практичната работа се изведува во сопствени работилници во склоп на училиштето, а за некои наставни содржини праксата се реализира во релевантни институции.

 

Стручна служба

Стручната служба во училиштето ја сочинуваат тројца специјални едукатори и рехабилитатори, психолог и социјален работник. Тие се залагаат и работат на  унапредување на животот и работата во училиштето и ученичкиот дом.

   Тие се посветени и  работат во интерес на учениците и во прв план ги ставаат  нивното учење, однесување и ментално здравје.

  Една од клучните надлежности  на стручните  соработници во училиште е поддршката на наставниците и воспитувачите за планирање и реализирање на воспитно-образовната работа со цел подобрување на учењето на учениците, односно подобрување на постигањата на учениците. Тие им даваат безрезервна  поддршка на наставниците во сите компоненти на наставата, вклучувајќи ја и нејзината воспитна компонента.

   Стручните соработници со родителите работат   преку  индивидуални  и  групни советувања и  разни   форми  на  едукација, зависно од потребата  и видот на проблематиката.

  Соработката на стручните соработници со локалната заедница придонесува за подобрување на работата на училиштето и ученичкиот дом, а исто така и за подобрување на животот во заедница. Заедницата треба да биде информирана за постигнатите  резултати и потребите на училиштето. За  таа   цел,  стручните соработници соработуваат со другите воспитно-образовни установи и институции од областа на културата,  уметноста и  здравството, кои можат да придонесат за подигање на квалитетот на работата на училиштето, за здравјето, безбедноста и менталниот развој на учениците.  Креираат процедури и механизми за  да се подобрат и збогатат програмите за работа на училиштето и ученичкиот дом.