.....Искра денес...
Државното средно училиште за образование и рехабилитација „Искра“, денес има современа и ефикасна настава прилагодена на индивидуалните способности на секој ученик и квалитетни услови во ученичкиот дом за сместување и реализација за воспитната работа.
Училиштето и ученичкиот дом располагаат со најнова компјутерска технологија и опрема која ја олеснува наставата и престојот на учениците. Има обезбедено поголем број на телевизори, компјутери, печатачи, интерактивни табли и слободен пристап до интернет. За полесно движење на учениците со физички хендикеп во училиштето има пристапни рампи.
Училишниот двор се надоградува и надополнува со декоративни дрвја и хортикултурно уредување, летниковци за одмор и спортски справи за рекреација. За безбедноста на учениците да биде на поголемо ниво училиштето е под постојан видео надзор, а до видео снимиките пристап има овластено лице.
Целиот воспитно - образовен кадар во училиштето составен од наставници, воспитувачи и стручна служба дава мултидисциплинарна поддршка на учениците, грижејќи се за нивното образование, воспитание, физичко и ментално здравје.
Во училиштето се планираат и воннаставни активности со цел на учениците да им се даде можност за активен ученички живот, зголемување на интересите и способностите за развивање на морално, културно, естетско чувство. Содржините на воннаставните активности се планираат од претстојните државни и верски празници и од потербите на учениците, за да развијат социјални вештини и добри навики кај нив. Учениците учествуваат на различни културни, забавни и спортски активности како што се: фолклорниот фестивал „Фатени за раце го менуваме светот“, Регионални игри во организација на Федерација на училишен спорт на Македонија, ликовен конкурс во организација на општината и слично. Седум ученички од ДСУ “Искра“ - Штип во учебната 2022/23 година учествуваа на Специјалната Олимпијада која се одржа од 17.06 до 21.06.23г во Берлин, Република Германија.